Ревизија

Ревизорски извештај со неправилности во СОЗР

05.02.2026 17:48

Секоја година се одлеваат големи суми пари од буџетот за возила на лизинг - Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во СОЗР во извештајот за 2024-та.

Сериозни слабости со набавките на службени возила, откри Државниот завод за ревизија. Според ревизорите, службата за општи и заеднички работи при владата, продолжува да обезбедува возила од висока класа по пат на лизинг за повеќе институции, без јасни процедури и упатства за планирање на реалната потреба, па се одлеваат големи пари од буџетот.

Недостигот на стручност и континуирани обуки, дополнително ја продлабочува нестабилноста, се вели во извештај за 2024 година.

„Постои потреба од уредување на постапката за подготовка на техничката спецификација, со цел обезбедување конкуренција меѓу економските оператори од причина што во последните три постапки за јавна набавка учествува само еден понудувач“, стои во извештајот од ДЗР.

Слабост е и ангажирањето на лица преку приватни агенции за вработување, сметаат ревизорите, бидејќи според нив, договорите на определено време и на дело, директно влијаат врз континуитетот и квалитетот на услугите што ги обезбедува СОЗР.

„Значителниот број на вработени на определено време и привремено ангажирани лица, честата миграција и недоволното вложување во унапредување на стручните компетенции на вработените, создава ризик во обезбедување на континуитет и квалитет, при подготвувањето на финансиските извештаи за државните институции кои се корисници на овие услуги“, се вели во извештајот од ДЗР.

Според ревизорскиот извештај, во СОЗР работата 234 лица, од кои само 78% се вработени на неопределено време.

 

Марија Котовска