Претреси на повеќе локации поврзани со истрагата за петте тони марихуана
Се постапува по наредба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Се проверуваат фирми, кои одгледувале марихуана за медицински цели.

И денеска се вршеа претреси на повеќе локации, поврзани со истрагата за петте тони марихуана која беше запленета во Србија, а за која тамошните власти рекоа дека влегла од Македонија.
Се постапува по наредба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Се проверуваат фирми, кои одгледувале марихуана за медицински цели. Засега, не се откриваат повеќе детали за акцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МТВ изјави дека очекува МВР да заплени десетици тони марихуана.
„Очекувам МВР да излезе не со неколку, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов којашто во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или, пак, на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани“, изјави Мицкоски.
Премиерот рече дека станува збор за сериозен случај за кој ја обвини претходната влада, која според него, довела во заблуда голем број граѓани и инвеститори дека преку бизнисот со марихуана за медицински цели може да се дојде до големи економски придобивки.
