Се вршат претреси поврзани со запленетата марихуана во Србија
Голема полициска акција во кругот на поранешен „Охис“, каде е сместена компанија за производство на медицински канабис. Истрагата е поврзана со запленетите пет тони марихуана во Србија, кои влегле од Македонија. По налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се вршат претреси, проверки има и во струмичко. Се очекува да бидат запленети десетици тони марихуана.

Голема полициска акција во кругот на поранешната фабрика „Охис“. Колона од комби-возила, камиони и бројни полициски единици, како и претставници на други институции влегоа во објектот за проверки поврзани со случајот со запленетите пет тони марихуана во Србија, за кои тамошните власти рекоа дека се влезени преку Македонија.
Акцијата во Скопје и во Струмица се спроведува по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за да се детектираат базите за складирање и дистрибуција на дрогата.
Под лупа е компанијата што беше посочена од српските органи, регистрирана во 2023-та година, со дејност за одгледување и преработка на марихуана за фармацевтска употреба и во која, еден од сопствениците беше осомничен во постапката што ја води обвинителството во Србија.
Премиерот Мицкоски во интервју за МТВ рече дека очекува во акцијата да бидат запленети десетици тони дрога.
Акцијата се води за меѓународен шверц на дрога. Од МВР потврдија дека во координација со ОЈО ГОКК преземаат мерки и активности на локации во Скопје и Струмица за опојна дрога.
Ирина Гелевска
