Итни разговори меѓу САД и Иран за нуклеарната програма во Оман
Според американската администрација, преговорите треба да ги опфатат не само нуклеарните активности на Иран, туку и балистичките ракети, поддршката на регионални милитантни групи и односот на властите кон населението...

Итни разговори меѓу Вашингтон и Техеран во Мускат, Оман. Според американската администрација, преговорите треба да ги опфатат не само нуклеарните активности на Иран, туку и балистичките ракети, поддршката на регионални милитантни групи и односот на властите кон населението. Од иранска страна, пак, се најавува дека разговорите ќе бидат ограничени на нуклеарната програма и укинувањето на санкциите.
„Дипломатијата напредува. Претседателот очигледно беше доста јасен во своите барања до иранскиот режим. Нула нуклеарен капацитет е нешто за кое тој беше многу експлицитен и сака да види дали може да се постигне договор. И додека овие преговори се водат, би го потсетила иранскиот режим дека претседателот има многу опции на располагање, освен дипломатијата како врховен командант на најмоќната војска во историјата на светот“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Тензиите нагло ескалираа во последните недели откако иранските безбедносни сили ги потиснаа антивладините протести во кои загинаа илјадници луѓе, што го натера Трамп да испрати американска воена флота во регионот и да се закани со напад. Иранската војска предупреди дека секој напад ќе биде дочекан со решителен одговор, вклучително и напади врз американските сили во регионот. Пред разговорите, Техеран објави дека ја сместил во подземен објект својата нова ракета со дострел од 2.000 км.
