Над 2.900 спортисти од 90 земји на стартот на ЗОИ 2026
Главната свечена церемонија ќе почне во 20 часот на стадионот „Џузепе Меаца“ во Милано, додека паралелни настани ќе се одржат и во Кортина и Предацо. Македонското знаме во Кортина ќе го носи Јана Атанасовска, а во Предацо знаменосец ќе биде Ставре Јада.

Во Милано, Кортина д’Ампецо, Предацо и Ливињо со церемонии на четири локации – – вечерва во Италија официјално ќе бидат отворени 25. Зимски олимписки игри Милано – Кортина 2026.
На Игрите ќе настапат околу 2.900 спортисти од повеќе од 90 земји. Македонскиот олимписки тим е составен од четворица натпреварувачи: алпските скијачи Јана Атанасовска и Виктор Петков, како и нордијците Ставре Јада и Ана Цветановска.
Главната свечена церемонија ќе почне во 20 часот на стадионот „Џузепе Меаца“ во Милано, додека паралелни настани ќе се одржат и во Кортина и Предацо. Македонското знаме во Кортина ќе го носи Јана Атанасовска, а во Предацо знаменосец ќе биде Ставре Јада.
Најмладата членка на македонската делегација, 19-годишната Атанасовска, ќе настапи во дисциплините слалом и велеслалом, каде во машка конкуренција ќе се натпреварува и 26-годишниот Петков. Најискусен во тимот е 27-годишниот Јада, кому ова ќе му биде трет олимписки настап, а ќе се натпреварува во нордиските трки – спринт и 10 километри интервал старт. Во истите дисциплини во женска конкуренција ќе настапи и 25-годишната Цветановска, на својата втора Зимска олимпијада по Игрите во Пекинг 2022.
Настапите на македонските нордијци се закажани за 10, 12 и 13 февруари, додека алпските дисциплини ќе се одржат на 14, 15 и 18 февруари.
Натпреварите во хокеј, уметничко лизгање и брзо лизгање ќе се одржуваат во Милано, додека Кортина д’Ампецо ќе биде домаќин на женското алпско скијање, санкање, боб, скелетон и карлинг. Бијатлонските трки ќе се одржат во Антхолц, а натпреварите во скијачки скокови, нордиска комбинација и крос-кантри скијање во Вал ди Фиеме.
Во Ливињо ќе се одржат натпреварите во сноубординг и скијање слободен стил, додека Бормио ќе биде домаќин на машкото алпско скијање, како и на новата олимписка дисциплина – скијачко планинарење.
Зимските олимписки игри 2026 ќе завршат на 22 февруари со свечена церемонија во античката арена во Верона.
Фото: / olympics.com/en/milano-cortina-2026
