Преговори меѓу САД и Иран во Оман
Американски и ирански претставници на разговори во Оман за нуклеарната програма на Техеран. Преговорите следуваат по зголемувањето на американското воено присуство на Блискиот исток, како одговор на насилното задушување на антивладините протести во Иран, минатиот месец. На маса нуклеарната програма на Иран.

Итни разговори меѓу Вашингтон и Техеран во Мускат, Оман. Иранската делегација се стреми да го ограничат дискусиите строго на нејзината нуклеарна програма и отстранување на санкциите, САД вршат притисок за решавање на пошироките безбедносни предизвици, вклучително нуклеарните активности, балистичките ракети, поддршката на регионални милитантни групи и односот на властите кон населението.
„Дипломатијата напредува. Претседателот очигледно беше доста јасен во своите барања до иранскиот режим. Нула нуклеарен капацитет е нешто за кое тој беше многу експлицитен и сака да види дали може да се постигне договор. И додека овие преговори се водат, би го потсетила иранскиот режим дека претседателот има многу опции на располагање, освен дипломатијата како врховен командант на најмоќната војска во историјата на светот“, изјави Каролин Ливит – портпаролка на Белата куќа.
Преговорите означуваат значаен дипломатски напор за деескалација на тензиите што се засилени по една година воени закани и регионална нестабилност. Иранските власти велат дека влегуваат во дипломатијата со добра волја, но остануваат цврсти во своите ставови.
„Иран влегува во дипломатијата со отворени очи и со цврсто сеќавање на изминатата година. Ние се ангажираме со добра волја и цврсто стоиме зад нашите права. Обврските треба да се почитуваат. Еднаквиот статус, меѓусебното почитување и заедничкиот интерес не се реторика – тие се неопходност и столбови на еден траен договор“, објави министерот за надворешни работи на Иран.
Европските челници со осуда за агресијата на Техеран и со повици за деескалација. Германскиот канцелар при посетата на Катар побара Иран да се вклучи во разговори за прекин на агресијата и нуклеарната програма.
„Би сакал да ја искористам оваа можност уште еднаш да ги повикам сега навистина да започнат разговори за да се стави крај на агресијата, да се стави крај на нуклеарната програма како што е договорено на меѓународно ниво, и пред сè да се поштедат земји како Катар, Јордан и Израел од понатамошни воени закани“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Тензиите меѓу САД и Иран ескалираа во последните недели откако иранските сили ги потиснаа антивладините протести во кои загинаа илјадници луѓе, што го натера Трамп да испрати американска воена флота во регионот. Иранската војска предупреди дека секој напад ќе биде дочекан со решителен одговор, вклучително и напади врз американските сили во регионот.
Маријана Димовска
