Дигиталниот јаз кај македонските компании ја кочи е-трговијата
Резултатите откриваат дека дигиталната инфраструктура кај македонските компании е фрагментирана и недоволна: само 41% имаат веб-страница, 33% користат корпоративна електронска пошта, 23% компјутерска мрежа, а 31% финансиски и сметководствен софтвер.

Само 19% од македонските компании продаваат производи или услуги онлајн, покажува Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ). Истражувањето опфати 1.200 компании од регионот и ги анализираше нивната дигитална подготвеност, користење на технологии и интеграција на е-трговијата во деловниот модел.
Резултатите откриваат дека дигиталната инфраструктура кај македонските компании е фрагментирана и недоволна: само 41% имаат веб-страница, 33% користат корпоративна електронска пошта, 23% компјутерска мрежа, а 31% финансиски и сметководствен софтвер. Напредни системи како ERP користат само 6%, додека употребата на алатки со вештачка интелигенција е занемарлива – 1%. Повеќе од една петтина од компаниите (23%) не користат ниту една дигитална алатка, што е двојно над регионалниот просек од 10%.
„Дигиталниот јаз не се гледа само кај вештачката интелигенција, туку и кај основните деловни системи. Без дигитализација и иновации, е-трговијата ќе остане ограничена, а компаниите ќе ја губат конкурентноста на регионално ниво“, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков.
Прегледот беше презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија и опфаќа сите економии од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
