САД

Вашингтон и Техеран на преговарачка маса во обид за деескалација на тензиите

06.02.2026 15:16

По една година воени закани и регионална нестабилност, Вашингтон и Техеран на преговарачка маса во обид за деескалација на тензиите. Нуклеарната програма на Иран и натаму во фокусот. Преговорите доаѓаат во време кога светот остана без никакви ограничувања за нуклеарното оружје. Истече договорот „Нов старт“ меѓу САД и Русија.

Вашингтон и Техеран на преговарачка маса во Мускат, Оман. Двете земји остануваат далеку од своите позиции. Надежта е дека, доколку бидат успешни, разговорите би можеле да доведат до рамка за преговори. Тензиите ескалираа во последните недели откако иранските сили ги потиснаа антивладините протести во кои загинаа илјадници луѓе, што го натера Трамп да испрати американска воена флота во регионот. Иранската војска предупреди дека секој напад ќе биде дочекан со решителен одговор, врз американските сили во регионот.

„Дипломатијата напредува. Претседателот очигледно беше доста јасен во своите барања до иранскиот режим. Нула нуклеарен капацитет е нешто за кое тој беше многу експлицитен и сака да види дали може да се постигне договор. И додека овие преговори се водат, би го потсетила иранскиот режим дека претседателот има многу опции на располагање, освен дипломатијата како врховен командант на најмоќната војска во историјата на светот“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Иранските власти велат дека влегуваат во дипломатијата со добра волја, но остануваат цврсти во своите ставови.

„Иран влегува во дипломатијата со отворени очи и со цврсто сеќавање на изминатата година. Ние се ангажираме со добра волја и цврсто стоиме зад нашите права. Обврските треба да се почитуваат. Еднаквиот статус, меѓусебното почитување и заедничкиот интерес не се реторика – тие се неопходност и столбови на еден траен договор“, објави шефот на иранското МНР.

Европските челници со осуда за агресијата на Техеран и со повици за деескалација. Германскиот канцелар при посетата на Катар побара Иран да се вклучи во разговори за прекин на агресијата и нуклеарната програма.

„Би сакал да ја искористам оваа можност уште еднаш да ги повикам сега навистина да започнат разговори за да се стави крај на агресијата, да се стави крај на нуклеарната програма како што е договорено на меѓународно ниво, и пред сè да се поштедат земји како Катар, Јордан и Израел од понатамошни воени закани“, рече Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

Во исто време, светот остана без никакви ограничувања за нуклеарното оружје. Истече договорот „Нов Старт“ меѓу САД и Русија потпишан во 2010 година за контрола на нуклеарното вооружување. Со него, арсеналите на двете држави беа ограничени на максимум 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави, како и на најмногу 800 носачи на ракети и тешки бомбардери.

Маријана Димовска