Прилепска Пиварница- национален шампион на Европските бизнис награди за 2014/15

11.09.2014 11:57

Европските бизнис награди коишто се спроведуваат по осми пат, оваа година вклучуваат учество на над 24 илјади бизниси од 33 европски земји...

Прилепска пиварница од Македонија е прогласена за Национален шампион на Европските бизнис награди спонзорирани од RSM International, што претставува престижен натпревар поддржан од бизнис лидерите, академски личности, медиуми и политички претставници од цела Европа.

Европските бизнис награди коишто се спроведуваат по осми пат, оваа година вклучуваат учество на над 24 илјади бизниси од 33 европски земји од кои 709 компании од цела Европа беа прогласени за национални шампиони и со тоа влегоа во втората фаза на ова натпреварување.

„Ние сме многу горди што сме одбрани да ја претставуваме Македонија како национален шампион. Европските бизнис награди се широко признаени како пример за европските најдинамични компании и со нетрпение ја очекуваме втората фаза на одлучувачкиот процес каде треба подетално да објасниме како го постигнуваме бизнис успехот, изјави генералниот менаџер на Прилепска Пиварница, Сашко Самарџиоски.

Прилепска Пиварница веќе 90 години успешно опстојува на пазарот во Македонија и се покажа како вистински лидер во полето на иновациите, етичкиот пристап и финансискиот успех последниве години. Компанијата постојано вложува и инвестира во модернизација на производството што резултираше со зголемен обем на продажба и освојување на поголем пазарен удел.