Образование и наука

Се стега обрачот на академската фела, измени во Законот за високо образование

06.02.2026 17:59

За едни добра вест, за други построги критериуми. Високото образование ќе претрпи големи промени најави Јаневска. Дирекно вработување на најдобрите студенти, реизбор на професорите на секои седум години и повеќе научни трудови. Три закони објавени на ЕНЕР.

Најдобрите студенти кои студираат на светските и домашните универзитети, добитниците на наградата „Инженерски прстен“ ќе имаат предност при вработување на државните универзитети.

Се стега обрачот на академската фела. Кандидатите за доцент, вонреден и редовен професор ќе треба, во зависност од звањето, да објават меѓу шест и седум научни трудови. Мандатот на ректорите од 3 се зголемува на 4 години. Ова се дел од новините во трите закони за високо образование, кои треба да донесат поголем квалитет, објаснува министерката Јаневска.

Два од предлог-законите се веќе објавени на националниот ЕНЕР систем, а законот за наука и за научно-истражувачка дејност ќе биде објавен деновиве, најави министерката Јаневска.

Законите на ЕНЕР ќе останат 30 дена, а по две недели се очекува да има јавна расправа на универзитетите како и јавна расправа во Собранието.

 

Ана Јосифоска