воен конфликт

До мирот во Украина тешко, но не и неизводливо

06.02.2026 15:03

На 24-ти февруари 2022 почна војната во Украина со нападот на руските оружени сили. И по речиси четири години, нема докрај прецизна информација дали војната конечно ќе биде докрајчена. Руските напади продолжуваат, ОБСЕ се обидува да посредува во менаџирањето на евентуалниот мир меѓу Москва и Киев, во руската престолнина уште еден во серијата атентати врз високопозиционираните офицери на воената контраразузнавачка служба. Застрелан е генерал, трет висок офицер на руската армија од 2024-та...

Во исчекување на добрите вести за Украина што ги најави Трамп, од Русија пристигнуваат лошите. Генерал-потполковник Александар Алексејев, заменик-шеф на руската воена контраразузнавачка служба ГРУ е застрелан неколкупати во Москва. Алексејев, надлежен за областа Мариупол во Украина и за контактите со платеничката формација, Вагнер е хоспитализиран и неговата здравствена состојба е непозната за јавноста.

„Овој терористички чин уште еднаш потврди дека режимот на зеленски е решен константно да провоцира за да го прекине мировниот процес. Да ги убеди западните спонзори да се спротивставуваат на САД за да го уништат разумниот договор“, изјави Сергеј Лавров-министер за надворешни работи на Руската Федерација.

Во сенка на уште еден во редицата атентати врз високи воени личности, во руската престолнина пристигна делегација на ОБСЕ, обидувајќи да навести призрак на мирот во Украина. Организацијата има дискредитирана улога, смета Лавров.

„ОБСЕ е најповикана организација за реализација на набљудувањето на мировниот процес. Неделава бевме во Киев, тие се подготвени за соработка. Се надевам и руската позиција е конструктивна за запирање на војната“, изјави Игњацио Касис-претседавач со ОБСЕ.

Сепак, надеж според Виткоф, специјалниот пратеник на шефот на Белата куќа, постои. Отворени се воените канали меѓу Москва и Киев, генералите на двете армии најверојатно работат на идната топографија или разграничување во Украина. Во емиратите, двете страни се согласија да разменат 157 воени заробеници. Прва размена по пет месеци. Мировните преговори ќе продолжат, сметаат Песков и Зеленски.

„Работата продолжува, како и во претходните два дена. Беа конструктивни и истовремено со многу предизвици“, изјави Дмитри Песков-портпарол на рускиот претседател Путин.

„Натамошни состаноци се планирани во блиска иднина, најверојатно во САД. Подготвени сме на формат што ќе го донесе постојан мир. Важно е војната да заврши на начин Русија да не добие награда за агресијата“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Канонадите на рускиот ракетен систем град и натаму ги напаѓаат украинските воени позиции во Харковскиот регион. Неколкумина загинаа во областа на Запорожје, Украина тоне во мрак поради уништените енергетски објекти.

Зоран Богатинов