43 фирми одгледуваат канабис за медицински цели
Бизнисот со медицинскиот канабис пред пет години беше бомбастично најавуван од тогашната влада. Поранешниот премиер Зоран Заев велеше дека земјава ќе има годишно производство во вредност од 250 милиони евра. Но, од 61 компанија која во 2017-та добила лиценца за производство на канабис за медицински цели, денеска одгледуваат 43, а само мал дел останува на македонскиот пазар.

Милионскиот бизнис со медицински канабис, се отплеткува со одземање лиценци. А надлежните не откриваат колку трговијата учествува во бруто-домашниот производ на државата. Од министерството за финансии не упатија во Државниот завод за статистика.
„Во врска со вашите прашања, сакаме да ве информираме дека не располагаме со бараните податоци“, велат од Државниот завод за статистика.
Дел од производството на медицински канабис се продава на македонскиот пазар. Дел е наменет за извоз – во зависност од тоа дали компаниите ги исполнуваат условите.
Од 61 лиценцирана фирма, канабис одгледуваат 43. На 14 им се одземени лиценците, за уште четири, постапката е во тек. Лиценците ги издава Министерството за здравство, а заедно со Министерството за земјоделство и Агенцијата за лекови, го контролираат работењето на фирмите.
„Според нашите протоколи, на секои три месеци приватниот сектор кој произведува канабис редовно треба да ја известува нашата институција од страна. Со инспекторатот имаме годишен план, но и ад-хок посети доколку тоа е потребно“, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Пред пет години, поранешниот претседател на Владата, Зоран Заев, овој бизнис го најавуваше како сериозен економски потенцијал – со добро платени работни места и годишен приход од 250 милиони евра.
„Со носењето на измените и дополнувањата на законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции и развој и нови работни места. Ако тоа го направиме до крајот на оваа година, следната година очекуваме повеќе од 250 милиони евра производство на канабис за медицински цели“, изјави поранешниот премиер Зоран Заев (19.03.2021 година).
Но, инвестицијата не ги достигна предвидените очекувања. Демократскиот сојуз на Македонија бара Собранието по скратена постапка да донесе измени на Законот со кој ќе се забрани производство на канабис за медицински цели. Од Министерството за здравство и другите надлежни институции да објават колку канабис е произведен, каде завршил и колку профит е остварен.
Андријана Ѓурчевска
