Преговорите меѓу САД и Иран ќе продолжат
Вашингтон и Техеран ја завршија првата рунда преговори, кои седнаа по една година воени закани и регионална нестабилност. Оптимизам од двете страни за продолжување на дијалогот. Преговорите доаѓаат во време кога светот остана без никакви ограничувања за нуклеарното оружје. Истече договорот „Нов старт“ меѓу САД и Русија.

САД и Иран ги завршија разговорите во Мускат за нуклеарната програма на Техеран, во услови на зголемени тензии, неколку месеци откако Америка ги бомбардираше иранските постројки за збогатување ураниум и само неколку недели откако иранските власти ги потиснаа антивладините протести во земјата во кои загинаа илјадници луѓе, што го натера Трамп да испрати американска воена флота во регионот. Двете страни покажале подготвеност да продолжат, без да биде договорен датум за следна средба. Иако не се соопштени детали за конкретните теми, оманскиот министер за надворешни работи Ал-бусаиди кој посредуваше во преговорите, изрази оптимизам и оцени дека тие биле корисни за разјаснување на ставовите и можностите за напредок.
„Консултациите се фокусираа на создавање соодветни услови за продолжување на дипломатските и техничките преговори, нагласувајќи ја нивната важност, во светлината на желбата на страните да ги направат успешни со цел да се постигне одржлива безбедност и стабилност. Беше корисно да се разјаснат и иранските и американските размислувања и да се идентификуваат областите за можен напредок. Имаме за цел повторно да се состанеме навреме, а резултатите внимателно да се разгледаат во Техеран и Вашингтон“, стои во објавата на Бадр Ал-бусаиди, министер за надворешни работи на Оман.
Иранскиот министер за надворешни работи Арагчи изјави дека разговорите започнале добро, но продолжувањето ќе зависи од одлуките што ќе се донесат по консултациите во главните градови. Тој додаде дека со сегашниот пристап може да се постигне рамка за претстојните состаноци.
„Доколку другата страна продолжи со сегашниот процес и го задржи истиот пристап, можеме да постигнеме рамка за разговори и теми што ќе се дискутираат на претстојните состаноци. Не сакам сега да судам, но мислам дека беше добар почеток и може добро да продолжи, но тоа зависи од другата страна, а исто така и од одлуките што треба да се донесат во Техеран“, изјави Абас Аргачи, министер за надворешни работи на Иран.
Од американската делегација предводена од пратеникот Виткоф и зетот на претседателот Трамп, Кушнер, засега нема коментар. Европските челници претходно побараа Иран да се вклучи во разговори за прекин на агресијата и нуклеарната програма.
„Би сакал да ја искористам оваа можност уште еднаш да ги повикам сега навистина да започнат разговори за да се стави крај на агресијата, да се стави крај на нуклеарната програма како што е договорено на меѓународно ниво, и пред сè да се поштедат земји како Катар, Јордан и Израел од понатамошни воени закани“, рече Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Во исто време, светот остана без никакви ограничувања за нуклеарното оружје. Истече договорот „Нов Старт“ меѓу САД и Русија потпишан во 2010 година за контрола на нуклеарното вооружување. Со него, арсеналите на двете држави беа ограничени на максимум 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави, како и на најмногу 800 носачи на ракети и тешки бомбардери.
Бојана Крстевски
