Органодарување

Претставниците на верските заедници со порака – дарувањето органи е највисока духовна вредност

07.02.2026 13:58

Верата не забранува органодарување. Напротив – го поддржува како чин на љубов и спасување живот. Во време кога десетици пациенти чекаат трансплантација, претставниците на верските заедници испраќаат заедничка порака до јавноста – дарувањето органи е висока духовна вредност...

Верата не забранува органодарување, напротив – го препознава како чин на љубов, највисока хуманост и милосрдие.

Во време кога стотици пациенти во земјава чекаат трансплантација на орган и нова шанса за живот, претставници на верски заедници испраќаат јасна порака: дарувањето органи не е спротивно на верата, туку висока духовна вредност.

„Нема поголем дар да го дадеш својот живот за ближниот свој. Органодарителството е чин којшто треба секогаш да го поддржуваме бидејќи на тој начин помагаме да се спаси и да продолжи нечиј живот“, вели Димче Азески свештеник од МПЦ.

Слична порака доаѓа и од Католичката црква, во време кога се губи најблискиот да се донесе одлука за органодарување е херојство, а според Исламската верска заедница тоа е продолжено добро дело.

„Нема поголема љубов од тоа човек да го даде својот живот за другите, а токму затоа донирањето органи се смета за израз на љубов или херојско дело.“, вели Оливер Тантушев свештеник од Католичката црква.

„Во исламот, ова се гледа како Садака Џарије – продолжено добро дело. Аллах во Куранот вели: ’Кој ќе спаси еден живот, како да го спасил целото човештво.“, вели муфтијата Адем Муртиши.

Во општество во кое сè уште постојат дилеми и стравови, гласот на верата е јасен да се помогне на човек во тешка здравствена состојба е духовно исправно и морално возвишено дело.

Соња Рилковска