Реакции по изборот на нови членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
На Централен комитет, ВМРО-ДПМНЕ ги избра новите членови на највисокото раководство. Укинати се потпретседателските места. Драган Ковачки е нов генерален секретар на партијата. За СДСМ, со изборот на нови членови на Извршен комитет ВМРО-ДПМНЕ го забрзува процесот за целосна изолација од Европската унија...

Јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици, според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, се одлуките за новиот состав на Извршниот комитет на партијата.
Мицкоски уверува дека тоа е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Задоволство по изборот за членови на највисокото тело, на своите Фејсбук профили изразија дел од партиските функционери,
„Новиот состав на извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги донесе победите на следните парламентарни, претседателски и локални избори“, напиша вицепремиерот Николоски.
„Честа е огромна – да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа“, став на избраниот генерален секретар на партијата, Ковачки.
„Силна и стабилна партија е предуслов за силна држава“ посочува шефот на дипломатијата Муцунски,
„Ова е време на мудри одлуки за поголеми победи“, напиша министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска
За составот на Извршниот комитет, реагираше опозициската СДСМ – наместо нови лица – стара банда. Мицкоски по примерот на Вучиќ ги отстрани потпретседателите за да владее апсолутно со партијата. Ги постави своите најблиски другари, Томовски за организациски секретар за да ги контролира тендерите, како оние 161 за семејната фирма. Ковачки, човекот на Сашо Мијалков, кого НАТО го одби за сертификат за контакти со руски служби. Негов најблизок соработник во Владата е вицепремиерот Стоилковиќ, кој со години е во служба на БИА.
„Го презеде МВР, Обвинителството и судовите. Вели, дека во мај – јуни ќе има реконструкција на владата за да постави уште некои свои луѓе кои му требаат. Уздите ги стави во свои раце и продолжува со ограбувањето на државата во својот најтесен круг пријатели. Буџетот одамна е во канџите. Може да почне забрзување на процесот на целосна изолација од ЕУ“, стои во соопштението на СДСМ.
И медиумите се под целосна контрола преку Орбан, со преземање на телекомуникациите и енергетиката, додаваат од СДСМ.
Фиљана Кока
