Акција

Запленети над 40 тони дрога

07.02.2026 19:32

Девет тони марихуана и 1300 шишиња масло од канабис, запленила полицијата во фирма во Скопје. Од правни лица од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса. По неколку дневната акција утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат. Се проверува и дали марихуаната што заврши во Србија потекнува од Македонија.

Запленети над 40 тони дрога – информира МВР. Во опсежната акција кај правно лице од Скопје пронајдени се околу 9 тони марихуана и над 1300 шишиња масло од канабис. Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тони марихуана. Се истражува дали запленетата дрога во Србија, потекнува од Македонија. Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Србија е дел од сопственичката структура на споменатото правното лице, се вршат се детални проверки на количината која е затечена и документација којашто е пронајдена, при тоа утврдени се одредени неправилности.

„Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, вели портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.

Утврдени се неправилности и кај неколку правни лица во источниот регион.

А во меѓувреме продолжуваат партиските препукувања околу запленетата дрога. Владејачката ВМРО ДПМНЕ обвинуваа за поврзаност со високи функционери од минатата власт, опозициската СДСМ за институционални пропусти.

Обвинителството да отвори истрага за случајот – бара ВМРО-ДПМНЕ. Над 2/3 од запленета дрога е од фирма на кадар на СДСМ/ Зошто Зоран Заев лично се јавувал на телефони во Царинската управа? Каква е улогата на неговиот брат Вице во овој случај-прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Уште во 2020 година, укажувавме дека лиценците за одгледување на марихуана за медицински цели се добиваат исклучиво по блискоста со СДСМ, односно во тоа време со Зоран Заев, Вице Заев и со Венко Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче додели лиценци на 2 фирми, „Еко Енерџи-Космос“ од Ново Село и „Лајтинг Лукс“ од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев“, вели портпаролот на БРАНЕ ПЕТРУШЕВСКИ.

Социјалдемократите бараат одговорност за случајот. Прашуваат како 5 тони дрога поминала преку граница и кој ќе одговара ако била незаконски произведена? Која институција потфрлила – е клучно за СДСМ.

„Кој ќе одговара? Кој во врвот на власта стои зад криминалниот бизнис со шверц на дрога? Без поддршка од власта, структури во МВР, во Царина, во други институции, не може 5 тони да се шверцуваат. Поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија е пред очите на јавноста. Молкот од власта е најсилна потврда“ – стои во партиското соопштение.

Продолжува акцијата на полицијата во соработка со ОЈО ГОКК, до целосно расчистување на случајот.

Марина Стојанова Тонева