Руски напади на енергетската инфраструктура на Украина
Зимските услови и кревката електро-дистрибутивна мрежа и натаму предизвик на украинското население кое е под постојани руски удари. Зеленски со критика за Русија поради нападот врз енергетските постројки од кои зависи работата на нуклеарните електрани. Се закани со нови санкции врз странските добавувачи на компоненти за руски ракети...

Зимските услови и кревката електро-дистрибутивна мрежа и натаму предизвик на украинското население кое е под постојани руски удари. И на фронтовската линија жестоки борби особено во секторот Покровск. Зеленски со критика за Русија поради нападот врз енергетските постројки од кои зависи работата на нуклеарните електрани. Се закани со нови санкции врз странските добавувачи на компоненти за руски ракети.
„Ова е ниво на напад што ниту еден терорист во светот не си го дозволил, а Русија мора да го почувствува одговорот на целиот свет, на сите оние на кои навистина им е грижа за безбедноста. Русија мора да покаже дека не само ваквите напади и самата војна им се важни, туку и преговорите што се во тек и кои мора да дадат резултати“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Персоналот на украинските воздухопловни сили вели дека лоцирањето и соборувањето на руски беспилотни летала станува се потешко, не само затоа што нивниот број расте, туку и затоа што стануваат подобри во избегнувањето на воздушното извидување.
„Јас сум мобилизиран од 2022 година. Треба барем да ни дадат неколку месеци одмор. Бидејќи во воздушната одбрана, може да се каже дека го намалиле бројот на вработени, а нема вистински заменски екипи“, рече Володимир, војник од украинските воздухопловни сили.
„Веројатно е многу потешко … Во моментов има многу воздушни цели. Мислам, за нас борбената готовност никогаш не завршува“, додаде Олександер, војник од украинските воздухопловни сили.
Руските власти соопштија дека привеле тројца осомничени за обидот за атентат на генерал на военото разузнавање во станбена зграда во Москва. Шефот на руската дипломатија за надворешни работи Лавров ја обвини Украина дека стои зад нападот, за кој рече дека бил наменет за саботирање на мировните преговори. Киев ги негираше наводите.
„Истражителите спроведоа темелен увид на местото на настанот, при што го открија оружјето за убиство – пиштол Макаров и три куршуми муниција. Нарачани се повеќе од 15 форензички испитувања, вклучувајќи генетски, физички и хемиски докази, а во тек се и други тестови за околностите и потрагата по сторителите на злосторството“, изјави Светлана Петренко, портпаролка на Истражниот комитет на Русија.
САД сакаат Москва и Киев да најдат решение за крај на војната во Украина пред летото, кога почнува фудбалскиот Мундијал, изјави украинскиот претседател. За една недела во Мајами продолжуваат разговорите.
Маријана Димовска
