Прво полуфинале на СП во кошарка во Шпанија

Литванците во „невозможна мисија“ против САД

11.09.2014 13:19

Во друштвото на најдобрите четири, Литванија е несреќникот којшто мора да се судри со американскиот НБА-состав. И без најголемите ѕвезди, Американците беа доминантни во секој меч досега на првенството...

Само ден по неочекуваната 1/4-финална елиминација на домаќинот Шпанија во пресметката со Франција, на Мундобаскетот почнува борбата за медали. Во првиот полуфинален натпревар во Барселона од 21 часот ќе играат САД и Литванија.

Во друштвото на најдобрите четири, Литванија е несреќникот којшто мора да се судри со американскиот НБА-состав. И без најголемите ѕвезди, Американците беа доминантни во секој меч досега на првенството. Иако можеби побавно влегуваат во ритам, никој досега не успеа да ги предизвика во четвртиот период. Мексико го добија со 23 во 1/8, а потоа Словенија со дури 43 разлика во 1/4-финалето, во мечот во којшто на посакуваното ниво конечно одигра Дерик Роуз.

Во меѓусебните споредби, не само теоретски, во предност се и на периметарот и во рекетот, со тоа што квалитетите на литванскиот центар Јонас Валанчиунас им се добро познати од неговите настапи за Торонто Репторс. Ако некаде европскиот тим може да се жилави, тоа е токму во тој сегмент, иако реално американската селекција е апсолутен фаворит во дуелот којшто го смета, пред се, за претпоследна пречка до финалето. Тоа што во борбата за златото ќе ја нема очекуваната Шпанија, може но и не мора да биде причина за опуштање на Американците во вечерашниот двобој.

Патот до квартетот којшто ќе се бори за медали Литванците го трасираа со 1/8-финален триумф над Нов Зеланд од само пет разлика и со 1/4-финален успех против Турција изразен со 12 коша. Единствениот пораз во групната фаза го претрпеа од Австралија, но тој на некој начин им го олесни пробивот во завршницата. Сега им следува ѕид којшто сепак еднаш го пробиле, и тоа во групната фаза на Олимписките Игри во Атина пред десет години. Американците веднаш им се реваншираа во мечот за третото место, но куриозитет е што највисоката од петте победи од 2000 година досега им е од 15 коша, на мундијалот пред четири години. На Игрите во Лондон славеа само со пет, во Атина со осум, а во Сиднеј еднаш со два, а еднаш со девет поени разлика.

Вториот билет за финалето утре вечер ќе го вадат селекциите на Франција и на Србија.