Обама: Директен напад на Исламската држава
Во очи на одбележувањето на 13 годишнината од терористичките напади на САД, американскиот претседател Барак Обама нареди директни напади на позициите на Исламската држава стационирани во Сирија. Дополнително САД испраќаат близу до 500 војници против исламистите во Северен Ирак. Вашингтон е одлучен во борбата против создавање исламски калифат...

Без двоумење ќе ја проширам воената кампања и воздушните напади против екстремистите на Исламската држава во Ирак и Сирија, порача американскиот претседател Барак Обама во директното телевизиско обраќање до Американската нација.
Најави дека САД ќе предводат широка коалиција чија цел ќе бие да ја ослабне, а потоа и да ја уништи Исламската држава. Во воената кампања нема да бидат вклучени американските копнени трупи, туку САД ќе дејствува во соработка со западните сојузници и Арапските држави.
„Антитерористичката кампања ќе ја предводиме цврсто и без попуштање со цел да се уништат милитантите на ИСИЛ каде и да се наоѓаат, користејќи ги нашите воздухопловни сили и со поддршка од воените сили на нашите партнери на терен“, нагласи американскиот претседател Барак Обама во обраќањето до нацијата.
Според американскиот претседател, сунитските џихадисти кои им ги отсекоа главите на двајца американски државјани припаѓаат на организација која нема никаква друга визија освен масакр на сите оние на кои им се спротивставуваат.
Иако во целост го исклучи испраќањето на американските копнени трупи, Обама потврди дека во Ирак праќа 475 дополнителни воени советници, за да им помогнат на ирачките безбедносни сили, полесно да се справат со исламистите.
Со тоа, бројот на американски војници во Ирак ќе се зголеми на 1.600.
Лидија Чакар
