Македонија

Владина делегација во Париз на средби со раководството на УНЕСКО за заштита на Охридскиот Регион

09.02.2026 11:09

Делегацијата ќе разговара и за мерките што се преземаат за спроведување на препораките од реактивните мисии на УНЕСКО од 2020 и 2024 година, како и за реализација на Стратегискиот план за рехабилитација.

Владина делегација, предводена од заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денес и утре престојува во работна посета на Париз, каде остварува средби со високи претставници на УНЕСКО.

На средбите ќе бидат истакнати заложбите на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, како и воспоставувањето систем за заштита кој гарантира интегритет и автентичност на ова подрачје како исклучителна универзална вредност.

Делегацијата ќе разговара и за мерките што се преземаат за спроведување на препораките од реактивните мисии на УНЕСКО од 2020 и 2024 година, како и за реализација на Стратегискиот план за рехабилитација.

Во рамки на посетата се планирани средби со генералниот директор на УНЕСКО Калед Ел-Енани, како и со повеќе високи претставници на организацијата.

Во составот на делегацијата се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков; министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа; градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира.