СОЗР

Томовски: Завршена е постапката за имотни листови за седум државни вили

09.02.2026 16:45

По повеќе од три децении, завршена е постапката за имотни листови за седум државни вили, додека останатиот државен имот и земјиште во земјава и странство сè уште чекаат дорегистрација.

По 35 години независност, неодамна e завршена процедурата за имотни листови за седум државни вили, а останува да се дорегистрира друг имот и земјиште во државава, но и во странство што останало од поранешна Југославија, вели првиот човек на Службата за општи и заеднички работи на владата, Томовски.

Владата ќе испрати 104 возила за старо железо, а пресметува дали се во возна состојба преостанатите стотина. За потребите на државните институции се изнајмуваат 45 возила на лизинг. Нема доволно блиндирани возила за странски делегации.

Владиниот авион е повеќе во дефект отколку што може да се користи, а недостига и кадар за негово функционирање, велат од СОЗР.

Од Владата размислуваат да купат нов авион, којшто би се користел и за медицинска евакуација.

Во СОЗР, по забелешките од државната ревизија дека не се издаваат фискални сметки во владините ресторани и бифеа, почнал да се регистрира вкупниот промет. Од службата велат дека имаат 254 вработени, но за да функционираат добро ќе бараат 20 до 30 нововработени.

Ирина Гелевска