Катастарот ќе води нови регистри со информации корисни за потенцијалните инвеститори
Целта е на едноставен начин од едно место брзо и со нула трошоци да се понудат податоци за потенцијалните инвеститори...

Потенцијалните инвеститори ќе можат од кое било место во светот онлајн да добиваат податоци каде има слободни градежни парцели во Македонија, која е цената на недвижноста за која што се заинтерсирани, стандардизирана адреса со точна локација, соопштија денеска портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев и првиот човек на Катастарот, Славе Трпески.
„Ќе бидат евидентирани сите парцели, целокупното градежно земјиште, податоци што е предвидено да се гради на тоа земјиште, а доколку не е предвидено податок дека е слободно, ако е предвидено што да се гради ќе бидат внесени параметрите до која висина, на каков габарит, на каква површина. На тој начин едностано ќе може да се добие впечаток за целокупната состојба на градежното земјиште на Македонија“, нагласи Ѓорѓиев.
„Регистарот ќе ги содржи цените за сите продажби и закупи на недвижностите, како и дополнителните податоци за недвижностите, како што се година на градба и на реконструкција, материјал на градба, микро, макро локација, близина до јавни објекти, достапност до струја, вода, гас...“, дополни Трпески.
Целта е на едноставен начин од едно место брзо и со нула трошоци да се понудат податоци за потенцијалните инвеститори.
