ССМ утре ќе го блокира пристапот до Собранието
ССМ утре од 9 часот ќе го блокира пристапот до Собранието. Целта е директно на народните избраници да им ги соопштиме барањата – повисок минималец, зголемување на сите останати плати, намалување на функционерските, изјави Трендафилов. Ние ќе работиме, синдикатите ќе си протестираат, вели спикерот Гаши. Пратениците ќе се снаоѓаат како да дојдат на работа, пеш или порано.

Пратениците први ќе се соочат со гневот на работниците – велат од ССМ и повикуваат на протест со блокада утре во 9 часот на Собранието и на улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“, бидејќи според нив, пратениците го блокираат законот за минимална плата со тоа што една година го чуваат во фиока. Целта е да им оневозможат да дојдат на работа со автомобили и да добијат патни трошоци, туку со јавен превоз.
Категорични се дека црвената линија е 600 евра минимална и 6.000 денари зголемување на сите преостанати, бидејќи времето за преговори за помалку поминало.
Пратениците да се снајдат како ќе дојдат на работа по најавената блокада, порача претседателот на Собранието, Гаши.
„На денешната координација со пратеничките групи зборуваме дека ќе има протест. Се договоривме сите координатори да разговараат со пратениците да најдат начин да дојдат на седница, без да го попречиме правото на протест на граѓаните. Не верувам дека некој со автомобил би дошол, дали ќе дојдат пеш или порано, не знам како ќе биде. Се договоривме дека ние треба да продолжиме да работиме, а исто така ќе го почитуваме правото на протест“, изјави Африм Гаши – претседател на Собрание.
ССМ продолжува со блокада и на работодавачите в четврток, а следната недела и на Владата, се до исполнување на нивните барања. Не ја исклучуваат можноста протестите да станат секојдневие на улиците.
Александра Велинова
