истрага

ОЈО продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот со запленетата марихуана

09.02.2026 16:18

Континуирано се преземаат дејствија поврзани со запленетата марихуана, соопштуваат од Обвинителството. Се проверува и евентуална поврзаност со откриената дрога во Србија. Во рамките на опсежната акција запленети се над 40 тони марихуана. Партиите и денеска со меѓусебни обвинувања. ВМРО-ДПМНЕ бара Заев и Филипче да кажат како се поврзани со бизнисот со марихуана. Од СДСМ велат дека доставила податоци до македонското и српското обвинителство за скандалот со 5-те тони дрога...

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во постојана комуникација со српските колеги, со цел размена на информации и утврдување евентуална поврзаност меѓу случаите на запленета марихуана во Македонија и Србија. Од таму велат, во рамките на опсежната акција во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица, континуирано преземаме активности, во соработка со Министерството за внатрешни работи и комисијата при Министерството за здравство.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расветлување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Во случајот со 40-те тони запленета марихуана, вплеткани се Зоран Заев и Венко Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Додаваат дека токму Владата на Заев се прослави со актуализирање на бизнисот со марихуана, продаден како грижа за здравјето на граѓаните односно канабис за медицински цели.

Реагираа и од СДСМ. Ја обвинија власта дека неместо да се соочи со фактите, води, како што велат, медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога.

Во последната акција, македонските власт запленија 40 тони марихуана, а премиерот Христијан Мицкоски очекува таа бројка да достигне и до 100 тони.

 

Марија Котовска