АРМ

Четворица професионални војници заболени од шуга

09.02.2026 17:39

Уште двајца професионални војници заболени од шуга, досега се регистрирани четири случаи. Случајот со шуга кај војници не потекнува од касарната во Велес, Министерството за одбрана апелира да не се манипулира јавноста.

Кај уште двајца професионални војници од велешката касарна е детектирана шуга, со тоа бројот на заразени се зголеми на четири лица. Сите на домашно лекување, во добра здравствена состојба и примаат терапија. Под шестнеделен надзор ќе бидат војниците што имале контакт со заразените, тоа е максималниот период на инкубација на ова инфективно заболување.

„Тоа не е карантинско заболување, потребно е само болниот да биде издвоен и да биде на домашно лекување, да има посебен кревет посебно легло. Друга поголема изолација не е потребна. Секојдневно ги следиме останатите слушатели на курсот, секојдневно ги прегледуваме, тие што имаат промени, симптоми веднаш се упатуваат на специјалист на дополнителен преглед, за сега немаме такви“, изјави потполковник д-р Лариса Оранска – епидемиолог на Воено медицинскиот центар.

Во велешката касарна има 295 лица – во текот на викендот е извршена дезинфекција. Доколку војниците забележат кожни промени треба да пријават. Се преземаат мерки да се спречи ширење на заразата.

Од воено – медицинскиот центар и од армијата тврдат дека изворот на заразата не потекнува од велешката касарна. Досега во армијата, ниту во центрите за обука немало појава на шуга – еднаш во месецот се прави редовен хигиенско – епидемиолошки надзор во сите касарни.

„Сакам да се дезинформираат сите оние информации кои излегуваат во јавноста дека условите не се како што треба. Тие се војнички услови за сместување и ред. Нормално дека има топла вода но мораме да запазиме дека тоа се војнички услови, посебен ред, посебен план за капење и доколку се почитува тоа нема да има никаков проблем“, истакна потполковник Дарко Стерјовски – началник на Канцеларијата за односи со јавноста.

Кожното заболување во велешката касарна е дијагностицирано во четвртокот. Се пренесува преку контакт со заразено лице или преку постелнина, пешкири кои претходно биле користени од инфициран.

Андријана Ѓурческа