Куба

Kуба пред колапс, останува без гориво

10.02.2026 09:34

Драматична состојбата на Куба. Поради санкциите, Карипскиот остров останува без гориво. Чести се прекините и со снабдувањето со електрична енергија, а жителите се соочуваат и со недостиг на прехранбени производи и со лекови.

Во најтешката економска криза во Куба-соочена со сериозен недостиг на нафта властите го прекинаа снабдувањето со гориво за авиони, што веќе доведе до суспензија на летовите на „Ер Канада“. Ограничувањата најмногу ги погодуваат туризмот и јавниот превоз, додека владата воведе лимити за продажба на бензин и го скрати работното време на банките. Граѓаните се снаоѓаат како можат, прилагодувајќи се на новата реалност.

„Такси-велосипед затоа што нема друго. Така се справуваме со работите тука, немаме што друго да направиме“, изјави Анамарис Алказа – патничка на велосипед претворен во такси.

„Одам на работа ако успеам да се качам во автобус. Можеби ќе морам да се качам во автомобил или такси, но ако немам пари ќе останам дома, сè е готово, нема што друго да се направи“, изјави Хорхе Наранхо -жител на Хавана.

Потегот доаѓа во време кога политичкиот притисок од САД врз Латинска Америка ја изолира Куба од главните извори на нафта и се закани со дополнителни царини за земјите што ќе и помогнат. И покрај тоа, Мексико вети непоколеблива поддршка и дипломатски напори за продолжување на испораките, а ОН изразија загриженост за ситуацијата.

„Ќе продолжиме со поддршката и ќе ги преземаме сите потребни дипломатски мерки за да ги продолжиме испораките на нафта, бидејќи не можете да задушите народ на тој начин. Тоа е многу неправедно“, изјави Клаудија Шајнбаум – претседателка на Мексико.

„Ja следиме ситуацијата во земјата и соработуваме со владата за да обезбедиме поголема поддршка, вклучувајќи храна, вода и здравствена заштита. Загрижени сме за растечкиот недостиг на гориво и нивното влијание врз луѓето“, изјави Стефан Дужарик -портпарол на генералниот секретар на ОН.

Русија пак, ги обвинија САД дека ја продлабочуваат и гушат економијата на островската држава и најави можност за ублажување на кризата.

„Ограничувањата што ги наметнаа САД создаваат многу потешкотии за земјата. Се разговара и се преговара со кубанските партнери за можни начини за решавање на овие проблеми, барем преку обезбедување на целата можна помош“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.

Дека американски економски санкции се во голема мера виновни за енергетската криза во земјата обвинија и од Хавана. Иако се подготвени за дијалог со САД, одбиваат разговори за промена на режимот. Американскиот претседател Трамп изјави дека Куба може да избегне целосно исклучување со склучување „договор“, кој потенцијално ќе бара враќање на имотот конфискуван од кубанските егзиланти кои го напуштиле островот по револуцијата во 1959 година.

 

Бојана Крстевски