Во четвртиот квартал лани 1.004 новоизградени станови, над 26.000 во фаза на градба
Највисоката постигната цена на стан изнесува 182.404 денари по квадратен метар и е реализирана во општина Центар за стан од 83 квадратни метри, со вкупна вредност од 246.171 евро.

Во периодот од октомври до декември 2025 година на територијата на државата регистрирани се 1.004 новоизградени станови од инвеститор, што е за 159 повеќе во однос на претходниот квартал, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности.
Истовремено, во фаза на градба се 26.522 објекти, за кои се водат листови за предбележување, што укажува на значителна понуда која допрва ќе излезе на пазарот.
Највисоката постигната цена на стан изнесува 182.404 денари по квадратен метар и е реализирана во општина Центар за стан од 83 квадратни метри, со вкупна вредност од 246.171 евро.
Во четвртиот квартал се регистрирани вкупно 9.283 трансакции со недвижности, што е за 964 повеќе од претходниот квартал. Од нив, 6.230 се купопродажби, а 3.053 се договори за закуп, што укажува на зголемена активност на пазарот.
Најмногу продадени станови има во општина Аеродром, додека најголем број вкупни трансакции се евидентирани во општина Центар.
Според податоците на Народната банка, цените на недвижностите во четвртиот квартал лани пораснале за 25 проценти на годишно ниво.
