Јавна расправа во Министерството за транспорт за предложените измени во Правилникот за урбанистичко планирање
Предложените измени во Правилникот за урбанистичко планирање имаат за цел да го поттикнат развојот на туризмот, енергетскиот и здравствениот сектор, преку создавање на услови за нови инвестиции, за поефикасно планирање и искористување на просторот...

Во просториите на Министерството за транспорт денеска се одржа стручна јавна расправа по однос на предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање.
Целта на истата е на најтранспарентен начин со стручната јавност да се продискутираат предложените измени и дополнувања, велат од министерството.
Предложените измени во Правилникот за урбанистичко планирање имаат за цел да го поттикнат развојот на туризмот, енергетскиот и здравствениот сектор, преку создавање на услови за нови инвестиции, за поефикасно планирање и искористување на просторот.
„Имајќи предвид дека туристичкиот сектор веќе бележи позитивни трендови, преку предложените измени се предвидува можност за стимулирање на изградба на големи хотелски комплекси вон градови, исто така и надвор од заштитени подрачја, надвор од национални паркови, надвор од заштитената зона на Охридскиот регион поврзана со заштитата од УНЕСКО, со што директно се поддржува растот на туризмот и привлекувањето нови туристи во државата, а дополнително се придонесува за отворање на нови работни места.
Со цел да се обезбеди целосна транспарентност и вклученост на јавноста во процесот на носење на одлуки, при носењето на сите планови ќе се спроведуваат јавни презентации. Одржувањето на денешната стручна јавна расправа по однос на донесувањето на измените на конкретниот Правилник е јасен показател за заложбата и отвореноста на Министерството за транспорт за унапредување на регулативата и вклучување на сите засегнати страни“, се наведува во соопштението на Министерството за транспорт.
Исто така измените на Правилникот за урбанистичко планирање опфаќаат и можност за урбанизација на објекти од областа на терцијарното здравство, како и изградба на батериски системи, кои се од суштинско значење за развојот на енергетскиот сектор.
