Охрид

Со нова стратегија до приклучување кон НАТО

11.09.2014 14:49

„НАТО самитот во Велс: Иднината на Алијансата и регионалната стабилност на Западен Балкан“ - тема на која во Охрид разговараат експерти, универзитетски професори, политичари од 10 земји од регионот, како и претставници на НАТО и дипломатскиот кор во земјата. Се очекува тие да подготват препораки за НАТО и за земјите аспиранти со насоки за продолжување на соработката.

Договореното на НАТО самитот во Велс, новите предизвици со кои се соочува Алијансата и нејзините партнери, како и утврдувањето на модалитетите за начинот на прилагодување на општествата на новонастанатите околности се темите на кои се дискутира на работилницата во Охрид. Владите на државите од регионот преку ваквите состаноци имаат можност да ги утврдат насоките за меѓусебната соработка во иднина.

„Владата на Република Македонија и министерството за одбрана веќе почнаа да подготвуваат стратегија за тоа како да продолжиме во процесите за натамошно презентирање на достигнувањата на Република Македонија, зашто треба да биде поканета да биде членка на НАТО“, рече министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Од средбата треба да произлезат препораки и ставови по однос на активностите што државите од регионот треба да ги спроведат во иднина за зајакнување на безбедноста.

„Овој собир е осмислен за да ги даде препораките за идните активности. Сеуште тоа е свежа материја што се разработува, така што се надеваме дека од дискусиите ќе произлезат солидни препораки за зајакнување на безбедносните аспекти во регионот“, рече Дин Двиганс, директор на Алумни програмата при „Маршал центарот“.

„Ставот на учесниците е дека е потребна поддршка за сите земји кои сакаат да бидат дел од Алијансата, како и заеднички да се избалансираат процесите и да се зајакнат капацитетите за интеграција во НАТО и ЕУ“, рече д-р Оливера Ињац од Црна Гора.

Интеграцијата во НАТО и ЕУ според мислењето на учесниците ќе биде успешен процес само доколку не станува збор за просто членство, туку ако тоа е резултат на достигнатите стандарди и стабилизацијата на регионот, што ќе придонесе за изградба на поквалитетно, понапредно, подемократско и побезбедно општество.

Сашо Нелоски