Вашингтон со нови закани до Техеран ако пропаднат разговорите
Договор со Иран или остар одговор – Вашингтон со нови закани до Техеран ако пропаднат разговорите за нуклеарната програма. Во пресрет на подготовките за нова средба, Трамп најавува ново засилување на „армадата“ на Блискиот исток. За договор е потребна сериозност од двете страни-возвраќа Иран. Светот повикува на дипломатско решение.

Вашингтон верува дека Иран сака да постигне договор за нуклеарната програма. Во услови на зголемени тензии и отворена можност за воен одговор од САД, Трамп вели дека би било глупаво Техеран да не го стори тоа. Доколку разговорите не успеат, се закани со остар одговор. Размислува за испраќање на уште еден носач на авиони на Блискиот Исток.
„Во моментов имаме огромна флотила која се упатува кон Иран. Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека сакаат да постигнат договор. Би било глупаво ако не го сторат тоа. Минатиот пат ја отстранивме нивната нуклеарна енергија, овојпат ќе треба да видиме дали ќе отстраниме уште“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Техеран ја нагласи сериозноста на Иран во преговорите, но предупреди дека за постигнување договор со САД потребна е и нивната вистинска намера. Оценија дека индиректните разговори досега напредувале ефикасно, а проблемите се јавувале само кога едната страна се обидела да употреби воена сила.
„Многу пати ја покажавме нашата сериозност во разговорите. САД постојано зборуваат за дипломатија и дијалог, истовремено засилувајќи ги алатките за притисок. Но ниту еден од овие притисоци или закани нема да има никаков ефект врз Иран. Засега, немаме план да го менуваме форматот или распоредот на разговорите. Ако постои намера и сериозност за постигнување резултат, тој дефинитивно може да се постигне“, рече Есмаил Багаи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи на Иран.
Во момент кога Техеран сигнализира подготвеност за ограничени отстапки, но одбива разговори за ракетната програма, израелскиот премиер Нетанјаху на разговори со Трамп во Белата куќа се обидува да влијае врз насоката на обновените контакти меѓу САД и Иран. Тел Авив настојува да ги ограничи балистичките ракети и регионалните активности на Техеран. Истовремено, повици за деескалација и дипломатско решение пристигаат од светот.
„Веќе имаме многу кризи и последното нешто што го сакаме е да додадеме уште една криза со воени решенија за решавање на иранското нуклеарно прашање“, изјави Бадр Абделати, министер за надворешни работи на Египет.
„Нашиот фокус е на намалување на тензиите во регионот и се надеваме дека дискусиите меѓу САД и Иран ќе доведат токму до тоа“, вели Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
Подготовките за нова средба САД-Иран продолжуваат по првите индиректни разговори во Оман, кои Техеран ги оцени како добар старт, иако без поголем пробив.
Бојана Крстевски
