„Деца на сонцето“ пред македонската публика на 1-ви октомври

11.09.2014 14:54

Првата проекција овој филм ја имаше на Канскиот фестивал, каде што наиде на одлични реакции од публиката...

На 1-ви октомври премиерно ќе биде прикажан „Деца на сонцето“ пред македонската публика. Филмот на 25-ти октомври го продолжува своето патешествие во Лондон на „Реинденс“ фестивалот каде ќе учествува во официјална конкуренција на 12 филмови.

Првата проекција овој филм ја имаше на Канскиот фестивал, каде што наиде на одлични реакции од публиката.

„Фестивалот во Лондон е еден од најзначајните филмски фестивали затоа што е поврзан со фестивали во земји ширум светот“, изјави режисерот Антонио Митриќески.

Митриќески вели дека „Деца на сонцето“ е филм за публиката, a актерите велат дека филмот заслужува да се претстави на повеќе светски фестивали.

„Една прекрасна промоција на Македонија, на македонското глумиште, затоа што знаеме дека фимот е силна моќ која има можност да прави голема промоција на една држава“, смета актерот Мето Јовановски.

„Јас сум среќен што филмот го препознаа како убав, како топол филм кој разкажува за обични човечки приказни и судбини“, додава актерот Владо Јовановски.

Иако ова лето е врнежливо, а филмот се вика „Деца на сонцето“, сигурни сме дека кога ќе почне да се прикажува во Скопје ќе ни ги стопли душите, велат актерите.

„Особено сум радосна што филмот пред да се промовира во нашата земја, пред нашата публика, добива фантастична афирмација надвор од нашите граници на еминентни простори“, вели актерката Милица Стојанова.

Како сонцето што несебично дава топлина и љубов, така и ние луѓето да даваме без да бараме ништо за возврат. Оваа мисла ме водеше кога го осмислував името на филмот, заврши Митриќески.

 

Александра Перевска