Свет

Масовно пукање во средно училиште во канадската покраина Британска Колумбија

11.02.2026 13:58

Деветмина убиени и 25 повредени во масовно пукање во средно училиште во канадската покраина Британска Колумбија. По крвавиот инцидент, напаѓачот се самоубил, а неговиот мотивот за масакрот останува непознат. Ова е најсмртоносниот училиштен напад во Канада во последните децении.

Стравотна трагедија во малото канадско гратче Тамблер Риџ во покраината Британска Колумбија. Девет лица се убиени, 25-мина се ранети во масовното пукање кое се случи во средно училиште. Две од жртвите се пронајдени на друга локација, во куќа, за која се верува дека е поврзана со нападот. По крвавиот инцидент, напаѓачот се самоубил. Мотивот засега останува непознат.

„Вкупно десет лица се мртви на две различни локации. Осуммина се убиени во училиштето, вклучувајќи го и осомничениот стрелец, за кој се верува дека починал од самонанесена прострелна рана. 25 лица со разни повреди се хоспитализирани“, изјави Дејвид Еби, премиер на Британска Колумбија.

Полицијата соопштува дека засега нема други осомничени. Уверуваат дека жителите не треба да стравуваат, бидејќи не се изложени на дополнителна опасност.

„Иако алармот за состојба на Кралската канадска коњичка полиција е укинат, луѓето од Тамблер Риџ остануваат во состојба на криза по едно од најлошите масовни пукања во историјата на нашата покраина и земја. Ова е катастрофален ден за блиската заедница, а загубата што се чувствува е длабока“, рече Нина Кригер, министерка за јавна безбедност и главен обвинител на Британска Колумбија.

Овој ужасен масакр е најсмртоносниот училиштен напад во Канада во последните неколку децении.

Маја Стојанова