Конзилиум одлучува за терапијата на пациентите на Онкологија
По исказите на експертите од Словенија кои на судењето открија дека еден лек не бил соодветен за болеста, туку е токсичен за пациентите. МТВ влезе на состанок каде се врши конзилијарно мислење на клиниката, ексклузивно објавува како се определуваат лековите за пациентите со малигни заболувања.

Лекарите ги разгледуваат медицинските досиеја и носат одлука за терапијата на најтешко болните. Предвид се зема се – состојбата на пациентот, извршените испитувањата, типот на туморот .
Тимот од специјалисти онколози донесе одлука – пациентка со карцином на тироидната жлезда да прима биолошка терапија.
Без да биде разгледано медицинското досие, пациентот не може да прима терапија – за секој се води записник . Тимот од специјалисти се состанува на секои две недели и разгледуваат повеќе од стотина медицински досиеја. Процесот, велат од клиниката, е строго контролиран.
„Прво докторот ја препишува терапијата, па пациентот оди во дневна болница каде сестрата ја проверува, не може сестрата без конзилијарно мислење да го аплицира тој лек. Тоа се евидентира имаме информатички систем и секоја терапија се требува од болничката аптека и таа е поврзана во системот за името и евидентниот број на пациентот“, изјави проф. д-р Игор Стојковски – директор на Клиниката за онкологија.
И денес на Онкологија се користи терапијата за која вештакот од Словенија во судска постапка посочи дека кај дел од пациенти ја влошила состојбата – но од клиниката велат – таа се применува само кога кај пациентот постојат јасни медицински индикации.
„Кога се одлучува се зема предвид општата состојба на пациентот, клиничките и параклиничките испитувања, типот на туморот. Денеска имаме и молекуларна категоризација на туморот со нови методи на специфицирање и осетливост на туморот на одредена специфична терапија“, изјави проф. д-р Игор Стојковски – директор на Клиниката за онкологија.
Бројот на заболени од канцер секоја година се зголемува. Минатата година на Онкологија новодијагностицирани се околу 5.400 пациенти. Клиниката набавува 35 биолошки лека кои се сметаат за современа терапија во лекувањето на малигните заболувања.
Конзилијарно одлучување, медицинска документација, тимска проценка – вака изгледа процесот за одредување на терапија на онкологија. Според клиниката ова се дел од напорите за зајакнување на довербата на пациентите во системот.
Андријана Ѓурческа
