Здравство

Алиу на онлајн состанок со странските експерти: Ќе има независен стручен увид во кардиохируршките интервенции

11.02.2026 15:09

На состанокот учествувале членовите на интерната и странската експертска комисија, а министерот Алиу ги информирал за досегашниот тек на постапувањето, начинот на прибирање и стандардизација на документацијата за пациентите, како и за целта на двостепената стручна проверка.

Министерот за здравство Азир Алиу денеска одржа онлајн состанок со странската експертска комисија ангажирана од Министерството за здравство, во рамки на процесот за стручна анализа и испитување на посочените кардиолошки и кардиохируршки интервенции.

На состанокот учествувале членовите на интерната и странската експертска комисија, а министерот Алиу ги информирал за досегашниот тек на постапувањето, начинот на прибирање и стандардизација на документацијата за пациентите, како и за целта на двостепената стручна проверка.

„Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија, како и да помогнат да ги препознаеме можните системски празнини. Наодите треба да го зајакнат нашиот здравствен систем, притоа доколку се идентификува потреба, ќе пристапиме и кон измени на правната регулатива. Целта е подобар перформанс на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди“, изјави Алиу.

На средбата била усогласена работната методологија по која ќе постапуваат странските експерти во рамки на втората експертска анализа.

Од Министерството потсетуваат дека странската експертска група ја сочинуваат тројца врвни професионалци – д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Нивниот ангажман има за цел да обезбеди дополнителна медицинска експертска тежина и примена на меѓународно споредливи стандарди во анализата на случаите за извршени операции или евентуално непотребно упатување на пациенти на хируршка интервенција.