Дисперзирани инвестиции за рамномерен економски развој
Дисперзираните инвестиции ќе го поттикнат регионалниот развој, ќе отворат нови работни места, ќе воведат нови технологии, а локалните компании активно ќе се вклучат во процесот на добавување...

Странските инвеститори се размрдаа. Своите капацитети, наместо во Скопје, сè почесто ги лоцираат во другите градови. Според економистите, дисперзираните инвестиции ќе го поттикнат регионалниот развој. Ќе отворат нови работни места за намалување на невработеноста, ќе воведат нови технологии, а локалните компании активно ќе се вклучат во процесот на добавување.
„Работниците земаат плата, а одат во локалните продавници, купуваат, трошат, што значи дека се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Значи, позитивните ефекти не се само од непосредното вработување. Затоа, се надевам и очекувам, овие странски инвестиции да имаат многу позитивно влијание за регионалниот развој“ , изјави Јован Пејковски, универзитетски професор.
„КСС“ во Кичево и „ОДВ Електрик“ во Охрид наесен почнуваат со работа. „Техникал текстил“ го пикираше изведувачот на новата фабрика во Штип. „Марквард“ гради во Велес, „Про Компо“ во Тетово, Холанѓани во Свети Николе, а ВЕИБО се реши за Ранковце. „Дрекселмајер“ во Кавадарци, „Амфенол“ во Кочани и „Кромберг и Шуберт“ во Битола работат под полна парa.
„До крајот на годинава ќе започнеме со изградба на зоните во Берово, Делчево и Виница, што значи дека ќе го комплетираме кругот на околу 15 слободни економски зони низ целата територија на државатa. Ова многу ќе придонесе кон рамноправниот економски развој, бидејќи сè повеќе компании одлучуваат да инвестираат и во другите региони, а не само во Скопје“, изјави Виктор Мизо, директор на слободните економски зони.
Професорот Пејковски со совет до општините. Да донесат стратегии, кои расположливите ресурси ќе ги стават во функција на позасилен локален економски развој.
Мартин Пушевски
