Косово доби Влада, Курти повторно премиер
По една година политичка неизвесност и неколку неуспешни обиди, Косово доби влада, премиер повторно лидерот на „Самоопределување“, Албин Курти. Порача дека ќе ги зајакне сојузите со западот, најави инвестиција од една милијарда евра во одбраната и дека ќе го продолжи дијалогот со Србија, со посредство на Европската унија.

По повеќе од една година политички ќорсокак и десетици неуспешни обиди да се конституира новиот состав на Парламентот на Косово, пратениците со мнозинство гласови го поддржаа кабинетот на Албин Курти, чијшто состав брои 19 министри и тројца вицепремиери.
„Забележувам дека со 66 гласа „за“, 49 „против“ и без воздржани, Собранието ја избра владата на Република Косово“, изјави Албулена Хаџиу – претседател на косовскиот парламент.
Курти, кој обезбеди нов трет премиерски мандат, откако неговата партија „Самоопределување“ во декември освои 57 места во парламентот и формираше сојуз со неколку етнички малцински групи, вети борба против корупцијата, инвестиции во одбраната и нормализација на односите со Србија.
„Косово застана на страната на мирот, правдата и своите демократски сојузници. Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите, ќе инвестираме една милијарда евра во одбраната и ќе ја развиеме воената индустрија на Косово. Ќе соработуваме со секој што ќе подаде рака на соработка врз основа на меѓусебно почитување. Ќе се стремиме кон нормализација на односите со Србија преку конструктивен и креативен дијалог“, изјави Албин Курти – премиер на Косово.
Новиот парламент треба да го усвои буџетот кој беше одложен поради политичката криза, како и да избере нов претседател во март, бидејќи мандатот на Вјоса Османи истекува на почетокот на април. Предвремените избори на 28 декември беа распишани откако „Самоопределување“ не успеа да формира влада по февруарските избори лани, а формирањето на парламентот дополнително беше одложено, поради пребројување на гласовите.
И Косово и Србија се под притисок да ги нормализираат односите ако сакаат да се приклучат кон ЕУ.
Бојана Крстевски
