Крај на историската низа, Леброн без Ол-НБА тим
Џејмс сезонава одигра 35 натпревари и бележи просек од 21,8 поени, 6,9 асистенции и 5,7 скока – бројки кои и на 41 година потврдуваат дека сè уште е меѓу највлијателните играчи во лигата.

Поради артритис на левото стапало, 41-годишната НБА ѕвезда, Леброн Џејмс официјално остана без можност да го достигне минималниот праг од 65 одиграни натпревари, услов за избор во Ол-НБА тимовите и останатите големи индивидуални награди.
Ова значи крај на неверојатната серија од 21 последователен избор во една од трите најдобри петорки во лигата. Во својата 23-та сезона во НБА, Леброн останува без шанса за 22-ро по ред вклучување меѓу елитата – подвиг кој досега беше без преседан.
НБА го воведе правилото за минимум 65 натпревари од сезоната 2023/24, со цел да ги мотивира ѕвездите да настапуваат почесто во регуларниот дел. Но повредите не бираат момент, а овојпат токму тие ја прекинаа историската низа на „Кралот“.
Џејмс сезонава одигра 35 натпревари и бележи просек од 21,8 поени, 6,9 асистенции и 5,7 скока – бројки кои и на 41 година потврдуваат дека сè уште е меѓу највлијателните играчи во лигата.
Леброн својата прва индивидуална награда ја освои уште како дебитант во сезоната 2003/04, а четири пати беше прогласен за МВП на лигата. Дури 21 сезона по ред беше дел од Ол-НБА тимовите, а последен пат – во сезоната 2024/25 – се најде во втората најдобра петорка.
Историјата останува запишана, но сезоната 2025/26 ќе биде првата по повеќе од две децении во која Леброн Џејмс нема да биде дел од Ол-НБА тимот – не поради форма, туку поради бројките во колоната „настапи“.
