Македонија

Ревизија: Бројни неправилности во работењето на Државниот архив

12.02.2026 19:45

Во извештајот објавен денеска, ДЗР изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Архивот за 2024 година, како и за усогласеноста со законската регулатива и воспоставените политики.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил бројни неправилности во работењето на Државниот архив, меѓу кои слабости во пописот на побарувањата и обврските, неправилности во остварувањето приходи, доделување попусти и подароци, исплата на надоместоци без законска основа, како и пропусти во јавните набавки.

Во извештајот објавен денеска, ДЗР изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Архивот за 2024 година, како и за усогласеноста со законската регулатива и воспоставените политики.

Ревизијата констатирала и дека не се исполнети основните услови за заштита на архивскиот материјал во депоата, ниту за спречување на неовластен пристап. Забележано е и неажурно евидентирање на движењето на залихите на публикувани изданија.

ДЗР дал препораки за надминување на утврдените состојби. Од Архивот биле доставени забелешки на нацрт-извештајот, но дел од нив не биле прифатени поради недостиг на нови докази, додека дел претставувале образложенија и најави за мерки со новиот Закон за архивски материјал и архивска дејност.