Мицкоски гледа политика во протестите, СДСМ неподготвеност за повисоки плати
Протестите на ССМ имаат политичка заднина, вели премиерот Мицкоски. Тој најави дека наскоро на јавноста ќе и стане јасно оти лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата, но порача и оти нивната стратегија ќе биде неуспешна. СДСМ критикува – власта не сака да ги покачи платите на работниците.

Протестите пред институциите имаат политичка позадина-вели премиерот Мицкоски. Според него претседателот на ССМ, Трендафилов е инструиран од политичките партии во опозицијата. Стратегијата, преку него да се испорачуваат партиски барања со цел да се добие симпатии кај граѓаните е неуспешна, а целата јавност наскоро ќе знае дека на барикадите стојат партиски истакнати луѓе, посочи Мицкоски. Премиерот останува на ставот дека за минималецот треба да се договорат работодавачите и синдикатите. Подготвен е за дијалог за колективниот договор.
Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ. Според опозициската партија, владата ги игнорира барањата на работниците за достоинствени плати. Пратениците од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат законското решение на СДСМ во Собранието за 600 евра минималната плата и поддршка на компаниите, посочуваат од Бихаќка.
„Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра, а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купува авион на грбот на народот. За граѓаните и за работниците нема пари, само за луксузот на премиерот мора да има, така функционира оваа криминална власт, во мафијашки стил“, велат од СДСМ.
Пред една недела, владата и синдикатот на УПОЗ се договорија за етапно зголемување на платите од 8 насто на околу 11 илјади административци, до 2028-та година.
Марина Стојанова-Тонева
