Филков им одговори на ДУИ и на Касами
„Времето на национал романтичарски политичари е историја“, одговори министерот за правда, Филков по најавите од ДУИ дека ќе бара кривична одговорност од него поради непочитување на Законот за полагањето правосуден испит на албански јазик. Тој ги отфрли и повиците од Касами, кој навести дека е можно Филков да биде опфатен со реконструкцијата на владата.

Барањето за полагање правосуден испит на албански јазик ја заострува реториката меѓу коалициските партнери во владата. Кога Касами би бил премиер, би било можно да не бидам повеќе министер, му одговори министерот за правда Филков на претседателот на БЕСА, Касами, кој тврдеше дека реконструкцијата на владата веројатно ќе го опфати Филков.
Ова следува по конфронтациите меѓу вицепремиерот Сали и министерот за правда Филков и најавите на ДУИ за барање кривична одговорност поради, како што велат, непочитување на законите.
Касами не сакаше да ја коментира изјавата на Филков. Рече дека сè што имал да каже веќе го кажал и најави дека сè ќе се разгледува на седницата на претседателството покрај отчетот од функционерите сопартијци.
„Тоа што го имав да го кажам го кажав синоќа, на претстојната седница на претседателството ќе донесеме одлука и ќе дискутираме за нашите дејствија како и за отчетот од нашите функционери во владата“, изјави Касами.
Јас ја составувам владата-остар одговор од премиерот Мицкоски доби БЕСА во врска со евентуални барања Фатмир Лимани да не биде министер од нивните редови. Но, за министерот Филков ги упати новинарите да го прашаат Касами.
Претходно премиерот Мицкоски даде зелено светло за законски измени за полагање правосуден испит на албански јазик.
Фиљана Кока
