„ХЕМА-ОНКО“ бара официјализирање на протоколите за лекување на Онкологија
Иако лекарите на конзилиум одлучуваат за терапијата, проблемите на Онкологија продолжуваат, предупредуваат од „ХЕМА ОНКО“ “. Оттаму бараат официјализирање на протоколите за целосно враќање на довербата во клиниката.

Онколозите на конзилиум ги разгледуваат медицинските досиеја и носат одлука за терапијата на најтешко болните, но недостигаат официјални протоколи кои ќе бидат јавно достапни – предупредува здружението на пациенти „ХЕМА ОНКО“. Оттаму велат, протоколите се важни за да може секој пациент да добие терапија според најдобрите светски стандарди. И сега лекарите се водат по протоколи, но „ХЕМА ОНКО“ бараат тие да бидат со печат од Министерството за здравство за поголема одговорност на лекарите.
„Во Македонија иако во изминатиов период се променети протоколите на Онкологија и онколозите работат по новите протоколи, сепак сметаме дека клучно е тие да станат официјални, да бидат одобрени од Министерството за здравство и да бидат ставени на официјалните страници и тогаш просторот за манипулација и малверзација или едногласно одлучување ќе се намалат видно“, изјави Ана Марјановиќ од Здружението на пациенти „ХЕМА – ОНКО“.
Скандалот на Онкологија ја разниша довербата на пациентите во клиниката. Дополнителен немир кај пациентите внесе мислењето на вештакот од Словенија, изнесено во судската сала.
Кога се бориш со болест, сигурноста во здравствениот систем е клучна – но скандалот со терапијата на Онкологија сериозно ја разниша. Пациентите сега бараат одговорност и начин повторно да имаат доверба во системот.
Андријана Ѓурческа
