Приведени 15 возачи низ државата – без возачка, под дејство на алкохол и со активни забрани
Во полициска акција спроведена вчера на територија на целата држава, лишени од слобода се 15 возачи поради тешки сообраќајни прекршоци. Меѓу приведените има и една малолетничка.

Полициски службеници во текот на вчерашниот ден лишиле од слобода 15 возачи поради управување возило без возачка дозвола, со активна забрана за управување, под дејство на алкохол и со нерегистрирани возила.
Поради возење без возачка дозвола, приведени се двајца возачи во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци. Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
Во Струга и Велес приведени се по еден возач кои управувале возило и покрај изречена мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Во Богданци, пак, бил лишен од слобода возач кој управувал нерегистрирано возило.
Дополнително, во Крива Паланка приведен е возач кој управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, во Куманово е приведено лице кое управувало нерегистрирано возило без возачка, додека во Македонски Брод бил лишен од слобода возач кој управувал под дејство на алкохол и со активна забрана за управување од Б категорија.
Лицата се приведени во полициски станици, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана или под дејство на алкохол, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
