Клиничкиот центар „Мајка Тереза“,

Катни гаражи и модерен начин на плаќање во Клиничкиот центар

12.02.2026 18:35

Почнува да се решава деценискиот хаос со паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, до јуни ќе добие катни гаражи. Министерот за здравство најави паметен паркинг систем со сензори за детекција на слободни паркинг места...

До јуни Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе добие катни гаражи. Почнува да се решава деценискиот хаос со паркингот на Клиника. Ќе има неколку вида на плаќање на паркинг местата. За онколошките пациенти и понатаму ќе биде бесплатно, а ќе има различни цени за пациенти кои се лекуваат, за вработените во Клиничкиот центар и трета цена за граѓаните коишто се паркираат заради други причини или за да посетат некој нивен хоспитализиран на клиниките.

Ресорниот министер најави паметен паркинг систем со сензори за детекција на слободни паркинг места. Според предвиденото, ќе може да се плаќа онлајн на апликација или како досега – со кеш или картичка. Алиу кажа дека Град Скопје и „Градски паркинг“ ги уредуваат цените.

Со паметниот паркинг систем министерот за здравство најави дека ќе може да се резервираат паркинг места преку апликација.

Просторот на Клинички ќе биде уреден со зеленило, пешачки патеки, со „брза патека“ за брза помош, а во план е и да се отвори нов влез што ќе биде кај Кардиологија и Кардиохирургија.

Засега состојбата е хаотична. Граѓаните велат дека ова одамна требаше да се регулира.

Се предвидува да бидат поставени информативни табли, а ќе има и посебен дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните.

Ана Јосифоска