Цветановска го почувствува олимпискиот ритам, Карлсон златна на 10 км
Цветановска трката ја заврши со време од 31:32,04 минути, пласирајќи се на 105-то место во конкуренција од 108 натпреварувачки. Иако резултатски далеку од врвот, настапот носи значајно искуство и нова страница во нејзината олимписка приказна.

Македонската нордиска скијачка Ана Цветановска го запиша својот олимписки настап на патеката долга 10 километри во крос-кантри на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, со што уште еднаш ги бранеше боите на Македонија на најголемата светска сцена.
Цветановска трката ја заврши со време од 31:32,04 минути, пласирајќи се на 105-то место во конкуренција од 108 натпреварувачки. Иако резултатски далеку од врвот, настапот носи значајно искуство и нова страница во нејзината олимписка приказна.
„Ана го подобри својот резултат од зимските Олимписки игри во Пекинг 2022 за повеќе од 3 минути. Од заостанување +11:51,40, денес таа стигна до целта со заостанување од +08:43,20. Секоја секунда е напредок за македонскиот спорт“, велат од македонскиот олимписки тим.
Во битката за медалите доминираше Швеѓанката Фрида Карлсон, која со моќно темпо и време од 22:49,02 минути стигна до златниот медал, потврдувајќи ја својата класа во оваа дисциплина.
Олимписката програма продолжува и утре, кога на истата делница од 10 километри ќе настапи и Ставре Јада во машка конкуренција, во обид за нов достоен настап на македонскиот тим.
Фото: Facebook/ MKD Olympic Team
