Руте: Мораме да го одбраниме секој сантиметар од територијата на НАТО
Министерски состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел. Во фокусот, поддршката за Украина, буџетот и мисијата „арктичка стража“ која има за цел да се спротивстави на руските и кинеските активности. Министерот Мисајловски ги презентираше целите, приоритетите и активностите договорени на последниот самит во Хаг...

НАТО мора да ја брани секоја педа од територијата на сојузниците, дециден е Генералниот секретар. Руте вели дека за разлика од минатото, Европа сега ги зголемува трошоците за одбрана и презема поголема одговорност. Првиот човек на алијансата ја потврдува посветеноста на САД и покрај отсуството на секретарот Хегсет од состанокот на северноатлантскиот совет во Брисел.
„Сојузниците се обединети во поддршката на Украина и во нашата посветеност да ја браниме секоја педа од територијата на сојузниците. „Арктичка стража“, која ја лансиравме вчера, го прави ова уште појасно. Каков и да е предизвикот за нашата безбедност, најдобро можеме да се справиме со него со заедничка работа“, истакна Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Единствената цел на НАТО е да ја заврши војната во Украина на начин што ќе го одврати секој иден руски напад, истакна Руте.
„Гледаме дека Русија не може да не победи на терен. Гледаме дека Русија се бори со нашите цивили и цивилна инфраструктура, со грејни станици, со електрични станици и денес Русија ја нападна нашата земја, лансираа најмалку 24 балистички ракети и ви благодариме за поддршката со ракети „Патриот“ – изјави Михајло Федоров, министер за одбрана на Украина.
Македонија го зголемува воениот буџет и активно ќе продолжи со учеството во мисиите предводени од НАТО и ЕУ. Министерот Мисајловски ги презентираше целите, приоритетите и активностите договорени на последниот самит во Хаг.
„Она што е важно дека буџетот на министерството е над 13 проценти што е историски најголем буџет и тоа претставува поддршка од многу институции кон Министретсвото за одбрана што тука прикажуваме дека заеднички можеме да прикажеме повеќе трошоци во одбраната и безбедноста‘, изјави министер за одбрана, Владо Мисајловски.
Дебатата за Украина и безбедноста продолжува и на Годинашната Минхенска безбедносна конференција на која ќе присуствуваат над 50 светски лидери. Делегацијата на земјава ја предводи премиерот Мицкоски, а во неа ќе биде и министерот за одбрана Мисајловски.
Маријана Димовска
