Сите информации за недвижностите на едно место онлајн!
Преку регистарот на цени купувачите ќе ги добијат точните информации при купување на стан, куќа, земјоделско земјиште, парцели, локации за трговски центри, но и цените на недвижноста во другите општини...

Три нови регистри ќе им помогнат и на граѓаните и на компаниите од дома или од канцеларија да добијат информации за недвижностите во земјава. Овие новини ги воведува Катастарот, институција која ги евидентира сите парцели каде се е предвидено да се гради. Според надлежните ова е шанса и за потенцијалните инвеститори.
„Се работи за обемна постапка во која ќе бидат вклучени и општините. Софтверски ќе бидат обединети сите урбанистички планови со прецизни податоци за градежното земјиште на целата територија на државата“, истакна денеска на прес конференција, портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.
Преку регистарот на цени купувачите ќе ги добијат точните информации при купување на стан, куќа, земјоделско земјиште, парцели, локации за трговски центри, но и цените на недвижноста во другите општини.
„Регистарот ќе ги содржи цените за сите продажби и закупи на недвижностите, како и дополнителните податоци за недвижностите, како што се година на градба и на реконструкција, материјал на градба, микро, макро локација, близина до јавни објекти, достапност до струја, вода, гас...“, изјави Славе Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.
Низата реформи кои досега беа спроведени во Катастарот во голем дел ја олеснија постапката на клиентите. Граѓаните велат дека се задоволни од услугата на шалтерите. Велат имотните листови и другата документација ја добиваат на време.
„Сега е подобро, се направи некој ред... Прв пат доаѓам, љубезни се...“, велат граѓаните кои ги затекнавме во Катастарот.
До декември 2016- тата Катастарот ќе воведе и пилот проект – регистар на адреси кој ќе содржи податоци за улиците и куќите. Целиот проект на новите регистри ќе се финансира од државниот буџет и ќе чини половина милион евра.
Дијана Ценевска
