Политика

Мицкоски: Продлабочување на стратешкото партнерство со САД

13.02.2026 09:52

Заедничката изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Белата куќа доцна синоќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, оценувајќи ја како значаен чекор кон продлабочување на стратешкото партнерство и отворање нови економски перспективи за државата.

Како што посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски, изјавата претставува јасен сигнал за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД и го трасира патот кон сеопфатен договор со кој ќе се обезбедат тарифи не повисоки од 15 проценти, а за одредени производи и индустрии и до 0 проценти.

Според премиерот, договорот ќе овозможи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст, зацврстувајќи ја позицијата на земјава како доверлив и предвидлив партнер на меѓународната сцена.

Во објавата се потенцира дека ваквите чекори се дел од поширока стратегија за унапредување на економските перформанси и меѓународната позиција на државата, по неодамнешниот договор за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Совет на Европа по 26 години.

„Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“, наведува Мицкоски.