воен конфликт

Судбината на Украина во фокусот на дебатите на Минхенската безбедносна конференција

13.02.2026 12:45

Минхенската безбедносна конференција стартува во услови на затегнати односи меѓу САД и Европа. Судбината на Украина во фокусот на дебатите, но не се очекува никаков конкретен резултат од тридневните средби. Државниот секретар Рубио уверува дека Вашингтон активно се ангажира во на запирање на војната. Сојузниците вчера во Брисел ветија околу 35 милиони долари воена помош во 2026 година во рамки на програмата на НАТО за брза испорака на оружје во Киев...

Додека светските лидери се собираат во Германија на Минхенската безбедносна конференција, судбината во Украина и натаму неизвесна. Напорите на Вашингтон за мировен договор меѓу Киев и Москва без големи знаци на напредок. Руските напади продолжуваат. Државниот секретар на САД пред европската турнеја ги истакна напорите за крај на војната. За затегнатите транс-атлантски односи, Рубио вели дека САД и Европа се длабоко поврзани, но треба да разговараат за тоа како ќе изгледа нивната заедничка иднина.

„Ужасно е. Тоа е војна, затоа сакаме да заврши. Луѓето страдаат. Ова е најстуденото време од годината. Тоа е незамисливо страдање. Затоа војните се лоши и затоа работевме толку напорно повеќе од една година за да го завршиме оваа“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Европски функционери не очекуваат конкретни резултати од тридневниот состанок во Минхен освен нови декларации за поддршка за Киев. Украинскиот претседател очекува брза и конкретна поддршката за земјата.

„Русите не смеат да се навикнат на идејата дека нивните ракети и беспилотни летала „Шахед“ им носат каква било предност. Тие само ја комплицираат ситуацијата и ги поткопуваат дипломатските можности, кои, искрено, се веќе ограничени. Затоа е неопходна поддршка за Украина. Неопходен е силен притисок врз Русија. Војната мора да заврши со загарантирана безбедност и апсолутно никакви награди за агресорот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Сојузниците вчера во Брисел ветија околу 35 милиони долари воена помош во 2026 година во рамки на програмата на НАТО за брза испорака на оружје во Киев.

„Сојузниците најавија стотици милиони долари повеќе за Приоритетната листа на потреби на Украина. Обезбедуваат, како што знаете, повеќе американска опрема што на земјата итно и е потребна да се одбрани. И сакам да им се заблагодарам на Обединетото Кралство, Исланд, Норвешка, Шведска, Литванија за нивните придонеси, а многу други објавија дека активно разгледуваат во текот на следните неколку дена и недели дополнителни придонеси“, изјави Марк Руте, генералниот секретар на НАТО.

Обединетите нации бараат да запрат нападите врз цивилното население и енергетската инфраструктура.

„Во Киев и градовите Харков и Одеса, речиси пет илјади повеќекатни станбени згради повторно останале без греење. Во Одеса, нападите го прекинаа снабдувањето со вода за речиси 300 илјади жители“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Според најавите, САД, Русија и Украина планираат повторно да се сретнат следната недела, веројатно во Мајами или Абу Даби.

 

Маријана Димовска