Соработка

Mакедонија и САД усогласија рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија

13.02.2026 13:34

Македонија и САД усогласија заедничка изјава и рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што се зајакнува билатералната економска соработка и се отвора поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании. Заедничката изјава опфаќа повеќе области, вклучително царини.

Македонија и САД усогласија рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, вклучувајќи царини, нетарифни бариери, дигитална трговија, енергетски сектор, зајакнување на економската и националната безбедносна трговија, заштита на животната средина и интелектуална сопственост. САД ќе ги задржат 15 проценти тарифи за македонски производи, но за некои кои се стратешки нема да има царина.

„Важно е да бидеме прецизни: САД ќе ја задржат реципрочната тарифа од 15% за производите со потекло од нашата држава, додека паралелно – и тоа е суштината на успехот – ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до 0% реципрочна тарифа. Со други зборови, за дел од клучните индустрии и производи, тарифите ќе се намалат до нула“, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

„Оваа изјава претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст. Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција“, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Според договореното, Македонија ќе ги укине царините за сите американски индустриски и земјоделски производи, за дигиталните услуги и електронски трансмисии, набавка на американски течен природен гас преку новиот гасен интерконектор од Грција.

„Трговската агенда на претседателот Трамп ги продлабочува нашите трансатлантски врски со клучен партнер во Балканскиот регион. Оваа објава ги поставува темелите за договор за реципрочна трговија за да се унапреди нашето економско партнерство, истовремено отстранувајќи ги административните пречки за американските земјоделци и производители“, велат од канцеларијата на претставникот за трговија на САД.

САД и Македонија се обврзуваат на консултации за спречување на пречки за пласман на американски земјоделски производи, за зајакнување на заштитата на интелектуалната сопственост и географските ознаки, за работничките права и за соработката на економската и националната безбедност. Македонија се обврзува да одржува високо ниво на заштита на животната средина и доследно спроведување на своите еколошки закони. Двете земји ќе продолжат техничка работа на финалниот текст, подготовка за потпишување и спроведување на домашните процедури пред договорот да стапи во сила.

Ирина Гелевска