Обвинителство

Обвинителството отвори предмет за загадувањето на водата во Струга

13.02.2026 17:13

Основното јавно обвинителство отвори предмет за загадената вода во Струга. Ќе се утврдува дали загадувањето е резултат на незаконски активности во близина на изворите во селото Шум. Надлежните институции се на терен, а се проверува и дали каменоломот кој со години работел во близина го предизвикал загадувањето...

Обвинителството отвори предмет за загадувањето на водата во Струга. Се утврдуваат причините, како и дали се сторени евентуални кривични дела против животната средина и природата.

Надлежните инспекциски служби, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за јавно здравје, како и полицијата, на терен два денови вршат увид на изворите во селото Шум.

„Предметот е оформен со цел да се утврдат причините за загадувањето и евентуалната кривична одговорност, доколку се констатираат елементи на кривично дело против животната средина и природата“, информираат од Основното јавно обвинителство Струга.

Неофицијално, во близина на изворите со години работел каменолом кој можеби го предизвикал загадувањето. Од Министерството за животна средина посочуваат дека состојбата е сериозна и бара итна институционална реакција.

„Не знам дали станува збор за легален или нелегален каменолом. Концесиите за вакви активности ги издава Министерството за економија, односно Министерството за рударство и енергетика за минерални суровини. Информиран е и Државниот инспекторат за рударство и енергетика. Очекувам да следи заеднички надзор за да се утврди точната локација, дали се работи за легална концесија или за нелегално ископување во близина на изворите“, изјави Дарко Блинков, генерален инспектор за животна средина.

Водата во градскиот водовод во Струга веќе пет дена е загадена. Таа не е безбедна за пиење и готвење, ниту за техничка употреба, ниту за капење.

Соња Рилковска